Meet Ilija – Electrical engineer
Запознајте го Илија, кој веќе 16 години е електроинженер во Микросам. Досега има успешно завршено и инсталирано повеќе од 200 машини во голем број на земји низ светот. Новите колеги електроинженери за Иле ни велат дека е одличен ментор и пример за упорност, трпение и професионалност.
„Секој нов ден, секој нов проект претставува нов предизвик. Постојано учам нешто ново, без разлика колку години имам искуство. За да ги завршам задачите морам постојано да се надоградувам и да осознавам нови технологии. Најголем мотив е кога ќе ги видам задоволни купувачите по успешно завршена машина. Профилот на клиенти на Микросам се високоразвиени компании, кои работат со највисоки технологии. Тука би издвоил компании во автомобилска, авионска, па дури и вселенска индустрија кои прават летала за вселената во голем број на земји како Америка, сите земји во Европа, Кина, Јапонија, Индија, итн“ – вели Илија.
Кога го прашавме Иле дали има случка која може да ја издвои и му останало во драго сеќавање, ни одговори:
„Имало многу случки во овие 16 години. Но, еве би издвоил една од нив. Кога имавме рок од 5 дена да одиме во 3 различни компании, во 2 различни земји и да решиме 3 различни проблеми. Двата од нив беа во Русија во две различни компании кои успеав да ги решам успешно, а потоа морав да заминам од таму кај друг наш купувач во Израел. Тој имаше проблем со машина од друг производител, кој пак ни тој не можел да го реши проблемот. Јас отидов таму и тоа се реши за еден ден. Овој чекор претставуваше дополнителен поттик кај купувачот да порача уште неколку машини од Микросам во понатамошниот период.“
Дали би можел да издвоиш проект кој ти значел многу за твојот напредок?
„Ако морам да издвојам веќе, тоа се поголемите проекти на кои сум посветил најмногу време: започнуваќи со автоматската линија за производство на LPG резервоари во Индија, за CNG резервоари за Ауди возилата во Магна, Австрија, па сè до машината за автоматско полагање на авионски делови во најголемиот Авиоистражувачки Центар во Вичита, САД.“
Каков менторски пристап имаш спрема новите колеги? Што сакаш да им пренесеш?
„Кај новите колеги, најважно што сакам да им го пренесам е тоа да бидат упорни при решавањето на предизвиците (задачите). Никогаш да не се откажуваат, затоа што секој предизвик има решение кое доколку го бараме ќе го најдеме, а тогаш кога ќе го најдеме ќе бидеме уште поспремни за решавање на наредните предизвици.“
Доколку сте инженери во потрага по нов предизвик, започнување на кариера во композитната индустрија може да биде вистинскиот чекор за вас. Микросам е единствената компанија во овие простори што веќе повеќе од 30 години има искуство, професионален и амбициозен тим и клиенти од целиот свет.