Запознајте го Виктор, кој е повеќе од 3 години машински инженер во Микросам. Неговата упорност, безброј часови поминати во хала, учејќи од професионалци доведе да стане проектен лидер и ментор на неколку проекти.
„Микросам од секогаш гласела за компанија која е најдобра во областа на роботика и мехатроника. Предизвикувачко во мојата работа е што од идеја која е само на збор и лист хартија прераснува од целосна концептуализација во финален производ. Воедно, и самата индустрија сама по себе е предизвикувачка. Ниту една машина не е иста, бидејќи сите се специјално дизајнирани за секој купувач посебно. Благодарение на ова, јас не престанав да учам и да се надоградувам. Како сегашен проектен лидер мојата работа значи одговорност и менаџирање на тим што ќе ја „оживее“ машината и ќе ги задоволи потребите на клиентот. Работиме и се надополнуваме тимски. Секој успешно завршен проект за нас е уште поголема мотивација која нè поттикнува да напредуваме сè повеќе.“ – вели Виктор.
Виктор покрај својата работа како машински инженер, обожава планинарење, алпинизам и планински велосипедизам. Досега има искачено голем број на врвови, како Триглав, Кораб, а најмногу од сè се гордее со искачувањето на највисоката планина во Грција – Олимп.
„Олимп е причината поради која започнав да се занимавам и со алпинизам. Чувството на возбуда и адреналин кога ја завршив оваа тешка тура со неочекувани временски услови е бесценето. Се вратив дома горд, среќен, исполнет и одвај чекав да дојде наредниот предизвик!“ – вели Виктор.
На Виктор му посакуваме и понатаму храбро да ги освојува сите врвови, затоа што за тимот на Микросам нема нешто што е невозможно.