Запознајте уште една хероина, која 13 години е софтвер инженер во Микросам!
Дијана веќе долго време работи на развој на софтверски решенија за автоматско полагање на ленти/траки како најауктелна технологија во авионската и вселенската индустрија. Нејзината приказна започнува уште во Микросам Академија и низ годините веќе стана доктор по технички науки од областа на науката и технологијата на композитни материјали.
„Како секој студент пред и по завршување на студиите активно се занимавав со барање на соодветна работа. Тогаш повеќе истражував во Скопјe oтколку во Прилепп и далеку повеќе можности видов во областа на програмирање за разлика од математиката за што тогаш бев подготвена да работам. Микросам Академија ми дојде како што може народски да се каже “кец на десетка” и тоа е главната работа што се вратив во Прилеп.
Во Академија навистина се учи! Како штотуку дипломиран професор по математика (пред 13 години) бев воодушевена од идеата да НЕ се учи за оцена, сертификат или диплома туку едноставно за знаење. Тоа е Академијата, учиш за да научиш. Имаш кој да те насочи да ти покаже и воедно да те остави сам да истражуваш и наоѓаш решенија затоа што на крајот тоа е она што ќе се бара од тебе на пазарот на трудот. Воедно, Академијата е и дружење. Многу пријателства кои траат и денес започнаа токму таму и среќна сум што патот ме донесе до тие луѓе. За мене овие дружби се најубавото нешто.“

Дијана е и еден од креаторите на најпознатиот софтвер MikroPlace – како единствен софтвер за автоматско полагање на ленти. Секоја машина во Микросам доаѓа со специјално дизајниран софтвер без која не може да работи и движи. Повеќе за оваа технологија може да прочитате тука.
Микросам вложува во едукација и доусовршување на своите вработени. Дијана своите магистерски и докторски студии ги заврши на Институтот за современи композити и роботика под покровителство на компанијата.
„Откако се здобив со познавање од програмирање, добив можност да работам во Микросам каде што постојано се соочувам со различни предизвици кои бараат креативни решенија и длабока посветеност. Понекогаш решението доаѓа низ разговор за проблемот, понекогаш бара повеќе истражување, читање на различна литература и комуникација со луѓе од целиот свет кои се соочиле со слични проблеми. Понекогаш може и да ти се гледа дека не постои излез и едноставно ти доаѓа да се откажеш, но со поддршка од колегите и менторите секогаш се стигнува до одредено задоволително решение – токму тоа прави работата да ми е забавна и да не застанам тука.Од Микросам добив можност да ги документирам моите истражувања и вложениот труд во работните обврски. Од тоа произлегоа повеќе трудови во реномирани светски списанија, магистерски, а потоа и докторски труд кои оставаат траен печат на она што се работи. Овие трудови ќе се искористат како водилка за понатамошни истражувања како и развој на решенија во областа на индустриска роботика.“ – вели Дијана.
За Академија Микросам
Микросам Академија има за цел да го поттикне образованието на талентираните кадри кои сакаат да се надоградуваат и да стекнат вештини неопходни за успех во техничките науки. Низ бесплатни курсеви и клубови, од 2007 година, Академијата има обучено над 270 лица, од кои 150 средношколци, преку проектна настава, учество на натпревари и пристап до најмодерна технолошка библиотека.
Доколку сакате да бидете дел од суперхеројскиот тим на софтвер инженери, прочитајте повеќе тука.