Александар е веќе 6 години Специјалист за меѓународна продажба во Микросам. Тој е првото лице кое нашите сегашни и потенцијални купувачи го среќаваат при почеток на секој проект. Благодарение на неговата упорност и посветеност, успешно се реализирани многу светски значајни проекти за нас и нашите клиенти. За неговото искуство, ни сподели:
„Можете да замислите каков предизвик е да се работи во една ваква компанија која што е една и единствена во регионот. Микросам ми помогна да се изградам на личен и професионален план, да научам како да се однесувам со луѓе од различни култури, како да работам со разни профили, почнувајќи од “startup” компании, па сѐ до водечки корпорации кои го диктираат темпото и насоките на современиот светски пазар. Микросам е препознатлив светски бренд за кој не постојат граници.“
Кога го прашавме да ни издвои една случка која ќе му остане во драго сеќавање, ни одговори:
„Би ја издвоил соработката со НАСА, бидејќи бев дел од тимот кој работеше на тој проект. На сите нас ни беше задоволство што функционери од една таква институција нѐ посетија тука – во Прилеп во Микросам. НАСА во Прилеп еј! Уште наредната година имавме реализација на проектот со нив. Истата година, во 2018-та склучивме договор со најголемиот добавувач на Boeing – Spirit, каде што бев вклучен во целиот процес на развивање на проектот до негова реализација. “ – вели Александар.
На Александар му посакуваме уште многу големи успеси понатаму, нови контакти и успешни проекти кои ќе служат како пример низ целиот свет.