Запознајте го Михаил кој веќе 7 години е специјалист за меѓународна продажба во Микросам. Во текот на својата кариера ги има посетено најгигантските компании и производствени центри во композитната индустрија низ светот.
„Микросам за мене е компанија која ми овозможи огромен личен и професионален напредок. Ме поттикна на тактичко и логичко размислување, слушање и преговарање. Најпредизвикувачки дел ми е постојаната координација со инженерскиот тим и правење на конкретен план како одредена машина треба да ги задоволи потребите на клиентите од една страна, а од друга да одговара согласно со роковите и можностите на Микросам. Мојата работа често бара и да патувам низ целиот свет на состаноци со купувачите или посета на саеми. Од секоја земја во мојата меморија понесувам нешто посебно кое понатаму го споделувам со тимот. Заеднички растеме, се надоградуваме, дружиме, радуваме и поминуваме толку часови што прави да сме најдобриот продажен тим.“ – вели Михаил.
Михаил го прашавме да ни издвои искуство кое никогаш нема да го заборави.
„Никогаш нема да заборавам кога во период од неколку дена бев и во Алберта, Канада и Мајами, САД на посета кај купувачи. Во Канада буквално беше -30 степени и бевме неколку дена измрзнати. Слетавме во Мајами и беше +30 степени. Не можев да си поверувам што ми се случи во рок од една недела! Температурен шок. (се смее) “
Михаил досега бил на безброј саеми во Франција, Германија, Америка, Турција, Русија, Кина и др. На прашањето кој му е омилен саем, ни одговори:
„Дефинитивно JEC WORLD во Париз, Франција. Целото искуство е одлично. Од Македонија тргнуваме цел продажен и маркетинг тим заедно и има многу смеа и дружење. Овој саем е еден од најдобрите и најпознатите во композитната индустрија. Голем број на светски и познати компании како Airbus, Boeing, Spirit Aerosystems, GKN Fokker, Magna и други се на едно место. Чест ми е што имам можност да ширам познанства и разменувам искуства со овие гиганти.“